Прејди на содржината

Големи човеколики мајмуни

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Хоминиди)
Хоминиди
Период: Доцен миоцен до денес
Податотека:Austrolopithecus africanus.jpg
Реконструкција на Australopithecus africanus
Научна класификација
Царство: Animalia
Колено: Chordata
Класа: Mammalia
Ред: Primates
Подред: Haplorrhini
Инфраред: Simiiformes
Парворед: Catarrhini
Натсемејство: Hominoidea
Семејство: Hominidae
Gray, 1825
Родови
Синоними
  • Pongidae Elliot, 1913

Хоминидите (латински: Hominidae, познати и како големи човеколики мајмуни[а]) образуваат семејство во кое се класифицирани четири современи родови: шимпанза, горили, луѓе и орангутани.

Порано во оваа група се вбројувале само луѓето и нивните изумрени предци, додека орангутаните, горилите и шимпанзата биле сместувани во одделното семејство на понгиди. Меѓутоа, при ваквото систематизирање, семејството на понгидите станува парафилетска (т. е. не ги вклучува сите видови кои потекнуваат од најблискиот заеднички предок), а денес современата биологија се стреми кон создавање на монофилетски таксони. Затоа, многу биолози денес ги вклучуваат орангутаните во семејството на хоминиди како потсемејство Ponginae. Исто така, горилите и шимпанзата најчесто се вклучуваат во потсемејството Homininae, заедно со луѓето. Токму ваквата систематика е претставена подолу.

Останува отворено прашањето за класификацијата на изумрените хоминиди, како што се предците на човекот, на пример, прашањето за тоа кој изумрен вид да се вклучи во родот луѓе (како што е Homo habilis и др.).

Општи одлики

[уреди | уреди извор]

Хоминидите се најголемите современи примати. Тие можат да достигнат тежина од 25 (женски шимпанза) до 200 (машки горили) килограми и висина од околу 1-2 метри. Кај сите видови постои забележлив полов диморфизам: мажјаците се често поголеми и значително потешки од женките, при што машките орангутани и горили тежат двојно повеќе од женките. Имаат робустна градба на телото која се одликува со релативно кратко торзо со широк граден дел. Опашка отсуствува (како и кај сите останати човеколики мајмуни). Широката карлица (која се намалила во споредба со таа на четириножните цицачи), бројот на карличните прешлени и малата закривеност на ‘рбетниот столб во крсниот дел доведуваат до делумното зајакнување на држењето на телото, што кај луѓето е најизразено. Начинот на движење кај хоминидите довел до појава на некои морфолошки одлики, како начинот на градба на ‘рбетниот столб (кај луѓето во форма на двојно s, а кај другите во форма на единечно s) и карлицата (кај човекот е кратка и широка, додека кај останатите видови е подолга и потесна).

Крзното не е толку густо како кај другите примати; најчесто е црвеникаво и кафеавкасто кај орангутаните, додека кај горилите и шимпанзата е темнокафеаво. Кај луѓето бојата е разновидна и зависи од полот, а постојат и популациски разлики - се забележува редукција на крзното и негово задржување само на некои телесни региони.

Екстремитети

[уреди | уреди извор]

Заедно со гибоните, хоминидите (со исклучок на луѓето) се меѓу неколкуте примати кај кои предните екстремитети се подолги од задните. Долгите раце на нечовечките хоминиди се адаптации за суспензорно движење (од гранка на гранка), додека издолжените и специјализирани задни екстремитети на човекот се адаптација за бипедално (двоножно) движење. Раменскиот зглоб, за разлика од другите примати, мигрирал назад со што овозможил издолжување на клучната коска (clavicula) и лопатката (scapula) кон грбната страна (дорзално) - со ова се добила поголема подвижност на рацете. Рацете се многу силни, дланките се големи, постојат извиени прсти (освен кај луѓето) и спротивно поставен палец. Прстите на рацете и стапалата се опремени со нокти. Кај луѓето нема локомотрони раце (наменети за движење), но затоа тие се пофункционални благодарение на тенките прсти и многу подвижните палци потребни за поголема вештост.

Освен кај луѓето, нозете се извиени. Кај луѓето, како резултат на посебниот начин на движење, нозете се исправени и многу подолги од рацете. Стапалото е со закривена основа.

Систематика

[уреди | уреди извор]

Семејството на хоминиди се дели на две потсемејства со 4 родови и 7 современи видови:

  • а „Големи човеколики мајмуни“ е вообичаено име отколку таксономско и постојат разлики во неговата употреба. Суптилно, може да изгледа дека ги исклучува луѓето („луѓе и големи човеколики мајмуни“) или дека ги вклучува („луѓе и нечовечки големи човеколики мајмуни“).