Прејди на содржината

Грчка книжевност

Од Википедија — слободната енциклопедија

Историја на книжевноста
Античка книжевност
Арапска книжевност
Грчка книжевност
Египетска книжевност
Индиска книжевност
Јапонска книжевност
Кинеска книжевност
Македонска книжевност
Персиска книжевност
Римска книжевност

Грчката литература — најстарата литература во Европа. Таа се дели на два периоди: хеленска литература и нова грчка литература.

Хеленска литература

[уреди | уреди извор]

Хеленската литература е најубавото, најсовршеното и најоригиналното што античката литература го дала на човештвото од грчкото тло. Во времето од X до VII век п.н.е. се создадени епопеите Илијада и Одисеја, кои се припишуваат на Хомер и двете Хесиодови песни Теогонија и Дела и денови. Не е познато каква била хеленската литература пред Хомер, иако се знае дека постоеле творци и пред него: делумно, тоа го потврдуваат легендите, а делумно тие се споменуваат и во „Илијадата“ и „Одисејата“. Така, во „Одисејата“ се споменуваат Демодок и Тамир Тракиски, иако и тие се поврзуваат со одредена митска фабула.[1]

Во VI век доаѓа лирската поезија со религиозен, политички или елегиски карактер. Главни претставници од овој период се Хезиод, Терпандар, Архилох, Тиртеј, Солон, Симонид, Алкеј, Сафо, Езоп, Анакреон, Алкман, Стезихор, Бакхилид, Арион, Пиндар. Во времето на Перикле, книжевноста во секој свој вид го достигнува својот најчист облик - трагедија (Есхил, Софокле, Еврипид); комедија (Аристофан); историја (Херодот, Тукидид и Ксенофонт); филозофија (Платон и Аристотел); беседништво (Изократ, Демостен, Есхин, Лисија, Хиперид и Ликург). Притоа, со Хезиод започнал преодот од епосот кон лирската поезија; Сафо е првата позната жена-поет; Анакреон се противел на војните и политиката, воопшто; Теспис во VI век п.н.е. ги поставил темелите на трагедијата на кои подоцна се воздигнале Есхил, Софокле и Еврипид.[2]

По IV век п.н.е. настанува александриското и грчко-латинското време. Сочувана е убавината на стилот и чистината на обликот, но изгубена е оригиналноста и силата. Поети од ова време се Аполон од Род, Квинт од Смирна (пишувале епопеи) и Теокрит (идили). Филозофијата е во полн ек и се јавуваат стоицизмот на Зенон, епикуреизмот на Епикур, скептицизмот на Пирон и неоплатонизмот на Плотин, Порфириј и Ијамблих. Исто така се негува и историјата (од Полибиј, Дионисиј од Халикарнас, Диодор од Сицилија, Страбон, Плутарх и Паусаниј). Од сатиричарите се истакнал Лукијан, а имало и многу критичари и граматичари, како Зенодот, Зоил и други.

Во II век п.н.е. појавата на христијанството влијае на создавањето на новите книжевни облици: апологија и религиозна полемика (Јустин и Иринеј) и беседништво (Свети Григориј Назијанец, Свети Јован Златоуст). По овие писатели, грчката книжевност се втопува во византиската, во која ги задржала своите класични облици и антички традиции, но добила истакнато христијанско обележје.

Нова грчка литература

[уреди | уреди извор]

Се развива во почетокот на грчкото ослободително востание од 1821. Тука може да се вброи познатиот поет и народен револуционер Рига од Фере (1751-1798), кој бил убиен во белградската тврдина. Почетоците на новата грчка книжевност се поврзани со родољубивите ајдучки песни, пеени од грчките борци.

Јонската школа, која ја основал големиот народен поет Дионизос Соломос, дала во првата половина на XIX век многу успешни лирски дела на народен јазик. Бидејќи јонските острови биле под британски протекторат, влијанието на оваа школа тешко продирало во Атина, каде фанариотите (учени Грци од Цариград) го имале главниот збор. Освен Дионизос Соломос, поети од јонската школа биле и Андрија Калвос (1792-1867), Антоние Матисис (1794-1874), Андрија Лескаратос (1811-1901) и други.

Атинската школа се одликува со чистотата на јазикот, а нејзини познати книжевници се Теодор Орфандис (1817-1886), Димитриј Вернардакис (1834-1907), Асхил Парасхос (1838-1895) и Спиридон Василијадес (1847-1874). Како духовен водач од 1888 година се јавува Јанис Психарис (1855-1920), кој отвора нова епоха на зацврстена употреба на народниот јазик.

Како и сите други нови литератури, и грчката почнува со лирска поезија. Значајни имиња се Дионизос Соломос, Андреас Калвос, познатиот Костис Паламас, Никос Казанѕакис, Констандинос Кавафис, Ангелос Сикелионас, Стасинопулос и многу други. Нивните дела се јасен показател на општествените случувања во Грција, како и на потрагата по нов израз во јазикот. Се започнало со приповеди, а со времето се прешло на роман, кој и денес се негува (патописи и романсирана биографија).

За основачи на прозата се сметаат Георгиос Визиинос, Александрос Пападиамандис Александрос Каркавицас и Ксенопулос.

На полето на литературната критика, есеистиката и историјата на литературата има повеќе познати писатели чии дела се од трајна вредност. Во XIX век критика пишуваат Јаковес Полилас, Емануел Роидис и Ангелос Влахос, а борбена критика и естетски студии Паламис, Ксенопулос и други. Историјата на новата грчка книжевност ја обработувале Аристос Камбанис, Иријас Вутеридис, Трилос и други.

  1. Георги Сталев, „Софоклева Антигона - Или приказна за поразените“, во: Софокле, Антигона. Скопје: Наша книга, 1976, стр. 67.
  2. Георги Сталев, „Софоклева Антигона - Или приказна за поразените“, во: Софокле, Антигона. Скопје: Наша книга, 1976, стр. 67-68.