Прејди на содржината

Густав Климт

Од Википедија — слободната енциклопедија
Густав Климт
Климт во 1914 г.
Роден(а)Густав Климт
14 јули 1862
Баумгартен, Виена
Починал(а)6 февруари 1918(1918-02-06) (возр. 55)
Виена, Австроунгарија
Познат(а) посликар
Значајни делаJудитa и Холоферн, Портрет на Адел Блох Бауер I, Бакнежот, Данаја
Правецсимболизам, арт нуво

Густав Климт (роден на 14 јули 1862 година во Виена - починал на 6 февруари 1918 година во Виена) — австриски сликар од симболизмот и еден од најистакнатите членови на движењето на Виенската сецесија. Климт е познат по своите слики, мурали, скици и други уметнички дела. Основната тема на Климт е женското тело,[1] а во неговите дела се забележува директен еротицизам.[2] Меѓу уметниците на Виенската сецесија, Климт бил под влијание на јапонската уметност и нејзините методи.[3]

На почетокот на неговата кариера, тој бил успешен сликар на архитектонски украси на конвенционален начин. Како што започнал да развива поличен стил, неговата работа станала предмет на контроверзии што кулминирале кога сликите што ги завршил околу 1900 година за таванот на големата сала на Универзитетот во Виена ббилееа критикувани како порнографски. Последователно, тој не прифатил повеќе јавни провизии, но постигнал нов успех со сликите од неговата „златна фаза“, од кои многу вклучуваат златни листови. Работата на Климт имала важно влијание врз неговиот помлад врсник Егон Шиле.

Од 1990-тите, тој е еден од уметниците чии слики достигнуваат највисоки цени на аукции.[4]

Живот и дело

[уреди | уреди извор]

Детство и образование

[уреди | уреди извор]
Егон Шиле, Климт во светлосина руба, 1913

Густав Климт е роден во Баумгартен, во близината на Виена во Австроунгарија, како второ од седумте деца, три машки и четири девојчиња..[5] Тројцата синови покажале уметнички наклоности уште од мали нозе. Неговите помали браќа се Ернст Климт и Георг Климт. Неговиот татко, Ернст Климт постариот, по потекло од Бохемија, бил гравер на злато.[6]. Ернст сè оженил за Ана Климт чии нереализирани амбиции биле да биде музички изведувач.

Климт живеел во сиромаштија додека студирал на Виенската школа за уметности и занаети (герм. Kunstgewerbeschule), каде што изучувал архитектонско сликање до 1883.[6][7] Климт лесно ги прифатил принципите на конзервативното обучување, па неговите рани дела може да се класифицираат како академски..[6] Во 1877 година неговиот брат Ернст, кој исто како и татко му станал гравер, се запишал на школата. Двата браќа и нивниот другар Франц Мач започнале да работат заедно и до 1880 година добиле многу пофалби за нив како тим наречен „Друштвото на Уметници“ и му помогнале на нивниот професор во сликањето мурали во Уметничкоисторискиот музеј музеј во Виена.[6] Климт ја започнал својата професионална кариера со сликање внатрешни мурали и тавани на огромни јавни згради на улицата Рингстрасе , вклучувајќи ја и успешната серија на „Алегории и амблеми“.

Во 1888 г. Климт добил златен орден за заслуга од царот Франц Јосиф I, за неговите придонеси во муралите насликани во Бург театарот во Виена.[6] Тој исто така станал почесен член на Универзитетот во Минхен и Универзитетот во Виена. Во 1892 година починале и братот Ернст, и таткото на Климт, по што тој требало да е финансиски одговорен за семејствата и на брат му, и татко му. Трагедиите исто така влијаеле и на неговата уметничка визија и наскоро тој започнал да се стреми кон свој нов личен стил. Карактеристично за неговиот стил на крајот на 19 век е вклучувањето на Нуда Веритас (гола вистина) како симболична фигура во некои од неговите дела, меѓу кои Античка Грција и Египет (1891), Палас Атина (1898) и Нуда Веритас (1899)[8]

Во раните деведесетти на 19 век, Климт ја запознал Емили Луис Флоге која и покрај врските на уметникот со други жени, требала да биле негов доживотен сопатник. Дали неговата врска со Флоге била сексуална или не, е често дебатирано, но фактот е дека во тој период Климт имал најмалку 14 деца.[9]

Годините со Виенската сецесија

[уреди | уреди извор]

Во 1897 тој станал еден од основачите и претседател на Виенската сецесија како и на периодичниот Ver Sacrum („света пролет“) на групата. Тој останал со сецесијата до 1908 година. Целите на групата биле да овозможат изложби за нови, млади сликари; да ги донесат најдобрите дела од странски сликари во Виена и да издадат весник кој ќе ги прикажува делата на членовите. Групата немала свој манифест и не поддржувала ни еден конкретен стил: натуралисти, реалисти и симболисти сите функционирале заедно. Владата ги поддржувала нивните напори и им дала закуп за да изградат сала за изложби. Симболот на групата била Атена Палада, грчката божица на правдата, мудроста и уметноста. Климт насликал радикална верзија на божицата во 1898 година.[10]

Во 1894 година Климт бил задолжен да наслика три слики со кои ќе се украси таванот на големата сала во универзитетот во Виена. Завршени кон крајот на векот, трите слики, „Филозофија“,„ Медицина“ и „Судство“, биле критикувани поради нивните радикални теми и содржина која била наречена порнографска[11] . Климт ја трансформирал традиционалната алегорија и симболизам во нов јазик кој бил значително посексуален и со тоа и повеќе вознемирувачки[11]. Јавното незадоволство било забележано од сите сфери, политичка, естетска и религиозна. Како резултат на тоа сликите не биле изложени на таванот на големата сала.[12] Ова била последната јавна понуда за сликање што ја прифатил. Сите три слики биле уништени од нацистичките сили во мај 1945 година[13][14]. Понатаму, се верува дека не постојат убедливи докази дека трите тавански слики на универзитетот на Климт биле всушност уништени.[15]

Неговата „Гола вистина“ од 1899 година уште повеќе го надразнила традиционалното око[16]. Голата, црвенокоса жена го држи огледалото на вистината а над неа стои цитат од Шилер во стилизирани букви „Ако не можеш да ги задоволиш сите со своите дела и уметност, задоволи неколку. Да се задоволни многумина, е лошо.“[17]

Дел од сликата на зградата на Сецесијата во Виена

Во 1902 година Климт ја завршил „Бетовенски фриз“ за 14-тата изложба на Виенската сецесија која била наменета за прославата за композиторот (Бетовен) и содржела монументална, полихромна скулптура од Макс Клингер. Бидејќи била наменета само за изложбата, сликата била насликана директно на ѕидот со лесни материјали. По изложбата, сликата била зачувана иако не била покажувана сè до 1986 година. Лицето на портретот на Бетовен личело на композиторот, но и на директорот на виенската опера Густав Малер, со кој Климт имал блиска соработка.[18]

Во почетокот на доцните деведесетти на 19 век тој одел секоја година на летни одмори со фамилијата Флоге на брегот на Атерското Езеро каде насликал многу од неговите пејзажи. Климт бил многу заинтересиран за сликањето на предмети и тие дела го претставуваат единствениот жанр освен сликањето на (човечка) фигури за кој Климт сериозно се заинтересирал. Поради интензитетот на неговите слики месното население го нарекувало „шумски демон“.[19] Сликите на Климт од Атерското Езеро се во толкав број и квалитет што заслужуваат да бидат особено ценети. Формално, пејзажите се одликуваат со истата префинетост на дизајнот и емфатичен модел како и делата со фигурите. За делата од Атерското Езеро се смета дека Климт ги насликал додека гледал низ телескоп.[20]

Златната фаза

[уреди | уреди извор]
Бакнеж 1907–08, Австриска галерија-Белведере, Виена

„Златната фаза“ на Климт била обележана со позитивна критичка реакција и успех. Животот, љубовта и смртта може да се утврдат како важни теми на делото на Климт.[21] Многу од неговите слики од овој период содржат златни листови; истакнатата употреба на злато може прво да се забележи кај „ Атина Палада“ ( 1898) и „Јудит “(1901), иако попопуларните дела поврзани со овој период се „Портрет на Адел Блох Бауер I“ (1907) и „Бакнежот “(1907-1908). Климт не патувал многу, но патувањата до Венеција И Равена, и двата града познати по прекрасните мозаици, најверојатно ја инспирирале неговата златна техника и византиската визуелизација. Во 1904 година, тој соработувал со други уметници на раскошната палата Стокле, домот на богат белгиски индустријалец, која била еден од најзначајните споменици на периодот на Арт нуво. Придонесот на Климт за трпезаријата на палатата, вклучувајќи ги и „Исполнување“ и „Очекување“, биле едни од неговите најдобри декоративни дела, и како што и самиот јавно изјавил: „можеби и крајната фаза на мојот развој на орнамент“.[22] Во 1905 година, Климт ги насликал Трите доби на жената, прикажувајќи го циклусот на животот. Тој создал насликан портрет на Маргарет Витгенштајн, сестрата на Лудвиг Витгенштајн, по повод нејзиниот брак.[23]Потоа, помеѓу 1907 и 1909 година, Климт насликал пет платна на жени од општеството завиткани во крзно. Неговата очигледна љубов кон костимот е изразена во многуте фотографии на Флеге како модел на облека што тој ги дизајнирал.

Додека работел и одмарал дома, Климт обично носел сандали и долга наметка без долна облека. Неговиот едноставен живот бил помалку изолиран, живеејќи посветен на своето творештво и фамилија и скоро ништо друго освен движењето на сецесијата; ја избегнувал кафе културата и социјализирањето со други уметници. Славата на Климт обично ги носела покровителите до неговата врата така што тој можел да си дозволи да биде пребирлив. Неговиот метод на работа бил со конкретна цел, на моменти макотрпен и барал долги позирања од неговите модели. Иако бил многу сексуално активен, неговите афери биле дискретни и избегнувал скандали.[24] Климт скоро воопшто и не пишувал за неговата визија и методи. Најчесто испраќал разгледници до Флоге и не пишувал дневник. Во еден од ретките записи наречен „Коментар за непостоечки автопортрет“ тој вели: „Никогаш не сум насликал автопортрет. Помалку сум заинтересиран за себе како предмет на сликање, од други луѓе, особено жени...Нема ништо посебно за мене. Јас сум сликар кој слика ден по ден, од утро до мрак.....Оној што сака да знае нешто за мене.... треба внимателно да ги погледне моите слики“.[25] Во 1901 година Херман Бар напишал во својот „Говор за Климт“: „Само љубовник може на човек да му открие што значи животот за него и да го развие неговото најсуштинско значење. Јас го чувствувам истото за овие слики.“[26]

Смрт и посмртен успех

[уреди | уреди извор]
Портрет на Адел Блох Бауер I.

Во 1911 година, неговата слика „Живот и смрт“ ја добила првата награда на светската изложба во Рим. Во 1915 година починала неговата мајка Ана. Климт починал три години подоцна во Виена на 6 февруари 1918 година откако добил мозочен удар и пневмонија поради епидемијата на грип која нападнала таа година[27][28][29]. Бил погребан на Хицингшките гробишта во Хицинг, Виена.

Портфолио

[уреди | уреди извор]

„Das Werk Gustav Klimts“

[уреди | уреди извор]
Градина со сончогледи, 1907, Австриска галерија Белвердере[30]
Климт често користел украсни обрасци во своите слики. Die Umarmung („Прегратка“), (околу 1905–1909) – детал од Палата Стокле во Брисел.

Единственото портфолио создадено додека бил жив е Das Werk Gustav Klimts, првично објавено од страна на „HO Miethke“ (на „Gallerie Miethke“, галерија ексклузивно за дела на Климт во Виена) 1908-1914 г. и било надгледувано од самиот уметник. Педесет графики кои ги прикажуваат најважните слики на Климт (1893-1913) биле репродуцирани користејќи фототипна литографија, нанесена на тешка, кремаста, ватман хартија со мазни рабови[31]. Триесет и една од сликите (десет од нив се во боја) се испечатени со „Chine-Colle“ техника, додека останатите деветнаесет се со високиот квалитет на полутонска техника. Секое од делата е обележано со уникатен печат создаден од самиот Климт, кој бил втиснат на хартијата во златно-металик боја. Испечатените примероци биле издадени во групи од по десет до претплатниците, во црни папки на кои е врежано името на уметникот. Поради деликатната природа на фототипната литографија, како и потребата за печатени примероци во боја (нешто што тешко се остварува со фототип) и самата желба на Климт за совршенство, серијата што била објавена кон средината на 1908 година не била завршена до 1914 година.[32]

Секое од петте дела било вметнато во пет теми:

  1. Алегориски (ги вклучува примероците во повеќе бои на Златниот витез (1903 г.) и Девица (die Jungfrau), околу 1912 г.)
  2. Митски/библиски (Атина Палада (Pallas Athene), 1898 , Џудит I (Judith I), 1901 г., и Данае (Danaë), 1908
  3. Портрети (Емили Флоге (Emilie Flöge), 1902
  4. Еротско-симболистички (Водна змија I и II (Wasserschlangen) 1907-1908 и Бакнежот (der Kuss), 1908 г.)
  5. Пејзажи (Сончоглед (die Sonnenblume), 1906 г. )

Монохроматските фототипи како и делата во полутон биле печатени со разни обоени мастила како сепија, сина и зелена.

Австрискиот цар Франц Јосиф I бил првиот кој го купил комплетот „Das Werk Gustav Klimts“ во 1908 година.

Fünfundzwanzig Handzeichnungen (дваесет и пет цртежи)

[уреди | уреди извор]

Колекцијата „Fünfundzwanzig Handzeichnungen“ била издадена една година по смртта на Климт и се состои од 25 цртежи, многу од кои се еротски по природа и исто толку контроверзни како и неговите сликани дела. Издадено во Виена во 1919 година од страна на „Gilhofer & Ranschburg“, изданието содржи дваесет и пет монохроматски и двобојни фототипни репродукции кои едвај се разликуваат од сликите од кои потекнуваат. Иако сетот бил издаден една година по смртта на Климт, некои историчари на уметноста сметаат дека тој работел на предпродукцијајата поради методолошката природата на графиката (Климт го надгледувал производство на плочите за „Das Werk Gustav Klimts“, осигурувајќи се дека секоја од нив е направена точно по неговите спецификации). Исто така првите десет изданија содржеале оригинален цртеж од самиот Климт.[33]

Голем дел од делата содржани во оваа книга отсликуваат еротски сцени од голи жени, некои како мастурбираат сами или во пар во сапфонски прегратки.[34][35] Кога дел од оригиналните цртежи биле изложени за јавноста во галеријата „Miethke“ во 1910 година и на Меѓународната изложба на графики и цртежи во Виена во 1913 година, тие биле осудувани од критичарите и гледачите кои отворено го изразувале негодувањето кон современата перспектива на Климт. Но сепак постоела публика за еротските слики на Климт. 15 од нив биле избрани од виенскиот поет Франц Блеј за неговиот превод на „Dialogues of the Courteseans“ од грчкиот сатиричар Лукијан. Ограничена на 450 примероци, книгата му овозможила на Климт да ги прикаже своите сензуални претстави на жени и да избегне цензура благодарение на малата (најчесто содржана од мажи) публика.

Gustav Klimt An Aftermath

[уреди | уреди извор]

Составен во 1931 од уредникот Макс Ајслер и печатен од страна на австриската држава печатница, „Gustav Klimt An Aftermath“ бил наменет да го заврши животното портфолио „Das Werk Gustav Klimts“. Портфолиото содржи 30 обоени фототипи и следи сличен шаблон забележлив во „Das Werk Gustav Klimts“. Сто и педесет комплети биле произведени на англиски јазик, од кои 20 биле претставени како „гала изданија“ врзани со позлатени кожа. Сетот содржи детални слики од претходно објавен дела.

Наследство

[уреди | уреди извор]
Реконструираното студио на Климт (2013) во Вила Климт

Голем број слики останале незавршени. Делата на Климт добиле едни од највисоките награди забележани за поединечни уметнички дела. Во ноември 2003 година, „Селска куќа на Атерско Езеро“ била продадена за 29.128.000 долари[36], но таа била брзо занемарена од други (повисоки) цени кои биле платени за други дела на Климт. Базата на податоци за уметнички пазар Artprice наведува 67 записи на аукција за слики и 1564 за цртежи и акварели[37]. Сепак, поголемиот дел од трговијата со уметност традиционално се одвива приватно[38]преку галерии како што се Wienerroither & Kohlbacher, кои се специјализирани за трговија со оригинални дела на Густав Климт и Егон Шиле и редовно ги презентираат на монографски изложби и меѓународни саеми за уметност.[39][40]

Во 2006 година, сликата од 1907 година, „Портрет на Адел Блох Бауер I“ бил купен од Роналд Лаудер за Новата галерија (Њујорк) за проценети 135 милиони американски долари.[41]преминувајќи ја Момче со луле на Пикасо од 1905 година, со што станала највисоката пријавена цена некогаш платена за слика.

На 7 август 2006 година, аукциската куќа „Кристи“ објавила дека ја води продажба на преостанатите четири дела на Климт, кои ѝ биле вратени на Марија Алтман и другите наследници по долгата правна битка против Австрија. Борбата на Алтман да ги врати сликите на нејзиното семејство било тема на голем број документарни филмови, вклучувајќи го и Желбата на Адел.[42] Нејзината борба станала тема и на драматичниот филм Жената во злато, филм инспириран од Крадењето на Климт, документарецот во кој се појавува самата Марија Алтман..[43] Портрет на Адел Блох Бауер II била продадена на аукција во ноември 2006 година за 88 милиони долари што било третото највисоко проценето уметничко дело во тоа време. Јаболково дрво I, создадена околу 1912 година, била продадена за 33 милиони, „Брезова шума“ (1903) за 40,3 милиони и „Куќи во Унтерах на Атерско езеро“ (1916) за 31 милиони долари. Како збирка, петте слики достигнале повеќе од 327 милиони долари. Обична, рутинска слика од Атерското Езеро достигнала 40,4 милиони во Сотби, ноември 2011 г.

Галерија

[уреди | уреди извор]
  1. Флејдел 1994, стр. 14. Најважниот елемент од неговата слава е неговата репутација како мастер на еротицизмот.
  2. Сабарски 1983, стр. 18.
  3. Sotheby's: Gilded Romance: Gustav Klimt's Ornamental Style and the Influence of Japonisme, 19 June 2019
  4. Daily Art Magazin: 5 Facts You Need to Know About Gustav Klimt, 25 January 2022
  5. Fliedl 1994, стр. 230.
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 6,4 Sabarsky 1983, стр. 7.
  7. Bailey, Colin B., Peter Vergo, Emily Braun, Jane Kallir, and John Collins (2001). Gustav Klimt: Modernism in the Making. New York: Abrams. p. 55. ISBN 0888847181.
  8. Rosenberger, Werner (12 May 2012). „Gegen Klimt: "Vielen gefallen ist schlimm"“. Kurier (германски). Посетено на 27 January 2023.[мртва врска]
  9. Колинс, Џон (2001), Klimt: Modernism In The Making, „Harry N. Abrams“, стр. 99, ISBN 978-0-8109-3524-2
  10. „Minerva or Pallas Athena, 1898 – Gustav Klimt“. WikiArt.org. Посетено на 27 January 2023.Предлошка:User-generated inline
  11. 11,0 11,1 Sabarsky 1983, стр. 9.
  12. На 11 ноември 1905 година, уметничката комисија на Министерството за образование ги испитало проектите за панелите на големата сала на Универзитетот. Климтовите биле добредојдени, за разлика од оние на Матч. Сепак, било предложено да не се изложуваат во Големата сала, туку во Österreichische Galerie. Климт го отфрлил предлогот и на 3 април 1905 година му напишал на гореспоменатото министерство, откажувајќи се од задачата и барајќи враќање на скиците, изјавувајќи дека е подготвен да ја врати сумата на пари што му била авансирана. Во: Dobai, Johannes (1978). The Complete Works of Klimt (италијански). Milan: Rizzoli. стр. 86.
  13. Rogoyska, Jane; Bade, Patrick (2011). „Compositional Project for Medicine“. Gustav Klimt. New York: Parkstone Press International. стр. 87. ISBN 978-1-78042-729-4.
  14. SheilaTGTG55 (13 October 2011). „The Fire at Schloss Immendorf“. Open Salon. Архивирано од изворникот на 14 October 2011.
  15. Storkovich, Tina Marie (18 December 2015). „Verbrannte Klimtbilder: Das Puzzle von Immendorf Storkovich“ [The Burned Klimt Paintings: The Puzzle about Immendorf]. Die Presse (германски). Посетено на 4 July 2023.
  16. „Early Works / Nuda Veritas 1899“. Klimt Gallery. Gustav Klimt Painting. Klimt Museum. Посетено на 5 July 2013.
  17. Whitford 1990, стр. 52.
  18. April 28, 2011 (2011-04-28). „Looted Klimt – the Mahler connections“. Arts journal. Архивирано од изворникот на 2012-01-07. Посетено на 2012-06-06.
  19. Koja, Stephan (2002), Gustav Klimt Landscapes, et al, Prestel, стр. 27
  20. Wagner, Anselm (2002), „Klimt's Landscapes and the Telescope“, Gustav Klimt Landscapes, Prestel, стр. 161–71
  21. „Gustav Klimt: Biografie. Lebenslauf und wichtige Werke des Wiener Jugendstilmalers“ [G. Klimt: Biography. Résumé and important works of the Viennese Art Nouveau painter]. artinwords.de (германски). 30 December 2017. Посетено на 24 September 2023.
  22. Whitford 1990, стр. 103.
  23. Edmunds, D. and Eidenow, J. Wittgenstein's Poker: The Story of a Ten-Minute Argument Between Two Great Philosophers, 2001, page 83.
  24. Rudolph, Katharina (6 February 2018). „Der Meister des gemalten Wahnsinns“ [The master of painted madness]. Frankfurter Allgemeine Zeitung (германски). Посетено на 24 September 2023.
  25. Whitford 1990, стр. 18.
  26. Kelly, Dr. Julia (2004), „Introduction to Payne, L“, Klimt, Exclusive Editions, ISBN 1-84461-185-X
  27. „Timeline and life history“. iKlimt. Посетено на 14 July 2012.
  28. Neret, Gilles (1999), Gustav Klimt: 1862–1918, Taschen, стр. 84, ISBN 3-8228-5980-X
  29. Comini, Alessandra (2001), Gustav Klimt, George Braziller, стр. 5, ISBN 0-8076-0806-8
  30. „Austrian Gallery Belvedere, Vienna (Österreichische Galerie Belvedere)“.
  31. „Das Werk von Gustav Klimt“. liveauctioneers. Посетено на 14 January 2017.
  32. Das werk Gustav Klimts. 1stDibs. Посетено на 16 December 2019.
  33. „Gustav Klimts: Fünfundzwanzig Handzeichnungen“ (auction listing). 1stDibs. Посетено на 16 December 2019.
  34. Néret, Gilles (2000). Gustav Klimt: 1862–1918 (англиски). Taschen. ISBN 978-3-8228-5980-3.
  35. Gottfried Fliedl, Gustav Klimt, 1862–1918: The World in Female Form, Taschen, 1997, p. 192, ISBN 3822882577
  36. Siegal, Nina (6 November 2003), „Klimt sets record“, Bloomberg, Thing, Архивирано од изворникот на 4 May 2006, Посетено на 4 February 2007.
  37. „Gustav Klimt on Artprice“. www.artprice.com. Посетено на 30 January 2019.
  38. Reyburn, Scott (23 March 2017). „Global Art Market“. The New York Times. Архивирано од изворникот 2 January 2022. Посетено на 30 January 2019.
  39. „Gustav Klimt retrospective in New York“. www.blouinartinfo.com. Архивирано од изворникот на 30 January 2019. Посетено на 30 January 2019.
  40. „Gustav Klimt at TEFAF art fair“. www.apollo-magazine.com. 30 April 2018. Посетено на 30 January 2019.
  41. „Adele Bloch-Bauer, Gustav Klimt's 'woman in gold'. christies.com.
  42. „Home“. Adele's Wish. Посетено на 24 October 2016.
  43. „Stealing Klimt“. www.stealingklimt.com. Посетено на 24 October 2016.

Библиографија

[уреди | уреди извор]
  • Fleidel (1994), Густав Климт 1862–1918 Светот во женска форма, „Benedikt Taschen“ Text " Gottfried " ignored (help).
  • Kinsella, Eileen (2007), „Златна треска“, „Artnews“.
  • Оконор, Ан-Мари (2012). Дамата во злато, Несекојдневната приказна за ремек-делото на Густав Климт, портретот на Адел Блок-Бауер, Алфред А. Ноф, Њујорк, ISBN 0-307-26564-1.
  • Сабарски, Серге (1983), Густав Климт: Цртежи, et al, „Moyer Bell“, ISBN 0-918825-19-9.
  • Витфорд, Франк (1990), Климт, „Thames and Hudson“.

Понатамошно читање

[уреди | уреди извор]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
Надворешни видеоснимки
Gustav Klimt's Beethoven Frieze
Gustav Klimt's The Kiss
Klimt's Death and Life
The Magic of Line: Gustav Klimt's Artistic Process на YouTube, Getty Museum