Дивиденда
Дивиденда — дел од добивката што акционерското друштво го исплаќа на сопствениците на акциите.
Исплата на дивидендата
[уреди | уреди извор]Одлуката за исплата на дивидендата ја носи собранието на акционерското друштво, на предлог на одборот на директори, и тоа на истата седница на која се усвојува годишната сметка на друштвото. Меѓутоа, одлуката за распределба на дивидендата може да се донесе и во друг период од годината. Во секој случај, одлуката за распределба на дивидендата ги содржи следниве елементи:[1]
- износ на дивидендата;
- начин на исплата; и
- клучни дати во постапката за исплата.
Износот на дивидендата се искажува како апсолутен износ или како процент од номиналната цена на акцијата. Вкупната дивиденда што им се исплаќа на акционерите е дел од нето-добивката (добивката по оданочување) на акционерското друштво за тековната година или дел од акумулираната добивка во претходните години. Оттука, дивидендата по акција претставува дел од добивката по акција, а односот меѓу дивидендата по акција и добивката по акција се нарекува коефициент на исплата на дивиденда (англиски: dividend payout ratio). Големината на овој коефициент најмногу зависи ос зрелоста на фирмата: младите фирми кои се во процес на раст исплаќаат само мал дел од добивката или пак воопшто не исплаќаат дивиденди. Обратно, зрелите фирми исплаќаат големи дивиденди. На пример, „Apple“ започнала да исплаќа дивиденда дури по 20 години од основањето. Дивидендниот принос (dividend yield) го покажува приносот што ќе го оствари сопственикот на акцијата ако ја купи акцијата по пазарната цена и ако го оствари правото на дивиденда, т.е. тој е однос меѓу дивидендата по акција и пазарната цена на акцијата.[1]
Табела бр. 1: Дивиденден принос на избрани акции со кои се тргува на Македонската берза[2]
Издавач | 2014 | 2013 | 2012 | 2011 | 2010 | 2009 | 2008 | 2007 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Алкалоид | 4,13% | 4,45% | 4,42% | 4,53% | 4,26% | 3,19% | 4,57% | 0,99% |
Гранит | 2,69% | 4,44% | 3,15% | 3,22% | 1,89% | 2,69% | 3,90% | 1,10% |
Комерцијална банка | - | - | 4,14% | 7,57% | 6,17% | 6,07% | 6,91% | 2,75% |
Реплек | 5,94% | 8,51% | 9,52% | 9,41% | 8,20% | 6,91% | 12,37% | 7,12% |
Дивидендата може да се исплати наеднаш или на рати. На пример, во САД, дивидендата вообичаено се исплаќа во четири квартални рати. Според законските прописи, во Македонија дивидендата мора да се исплати најдоцна во рок од девет месеци по завршувањето на деловната година, но текот на годината, фирмите може да исплатат аванс од предвидената дивиденда.[1]
Најважни моменти во постапката за исплата на дивидендата се:
- датата на објавување на дивидендата, т.е. денот кога се објавува одлуката на акционерското осбрание за исплата на дивиденда;
- последната дата со право на дивиденда, обично неколку дена пред денот на евиденција;
- датата на евиденција, т.е. денот кога се прави списокот на акционери кои имаат право на дивиденда; и
- датата на исплата, т.е. еден или неколку денови во годината кога се врши исплатата на дивидендата.
Информативна содржина на дивидендата
[уреди | уреди извор]Вобичаено, менаџерите имаат подобри информации за работењето на фирмите од надворешните лица. Затоа, акционерите се обидуваат да извлечат информации за квалитетот на фирмите од одлуките за исплата на дивиденди. Притоа, објавувањето повисоки дивиденди најчесто води кон пораст на цените на акциите и обратно, објавувањето пониски дивиденди предизвикува пад на цените на акциите на фирмите. Тоа произлегува оттаму што менаџерите предлагаат повиоки дивиденди само ако очекуваат стабилни добивки во иднина и поради тоа, пазарот на акции реагира поволно на веста за исплата на повисоки дивиденди. Имајќи предвид дека младите фирми што растат, по правило, не исплаќаат дивиденди, кај нив, одлуката за исплата на дивиденда сигнализира дека фирмата навлегла во фазата на зрелост. Најпосле, понекогаш, одлуката за исплата на дивиденда може да се сфати негативно и да доведе до пад на цената на акциите на фирмата. Тоа се случува ако фирмата нема поволни изгледи за инвестирање на добивката поради што добивката им ја исплаќа на акционерите.[1]
Стабилност на дивидендата
[уреди | уреди извор]Најчесто, фирмите настојуваат да одржат стабилност во исплатата на дивидендите, т.е избегнуваат големи промени во износот на дивидендата од еден до друг период. Причината за тоа е желбата на акционерите да добиваат стабилни приходи од акциите и оттука акционерските друштва ги исплаќаат вообичаениет износи на дивиденда дури и во годините кога остваруваат помала добивка по оданочување.[1] Инаку, фирмите кои во последните 10 години постојано го зголемувале износот на дивидендите се нарекуваат „дивидендни динама“ (dividend dynamos), додека оние фимри кои успевале да ги зголемуваат дивидендите во секоја од последните 25 години се наречени „дивидендни аристократи“ (dividend aristocrats). Во оваа категорија влегуваат здравите, стабилни фирми, како „Мекдоналдс“ или „Кока Кола“.[3]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Каролина Каровска Божиновска, „Дивидендна политика“, Економија и бизнис, година 18, број 208, октомври 2015, стр. 54-57.
- ↑ Каролина Каровска Божиновска, „Дивидендна политика“, Економија и бизнис, година 18, број 208, октомври 2015, стр. 55.
- ↑ Економија и бизнис, година 18, број 208, октомври 2015, стр. 57.