Канцелар на Германија
Сојузен канцелар на Сојузна Република Германија | |
---|---|
Назначувач | Претседател на Германија |
Мандат | 4 години |
Прв функционер | Ото фон Бизмарк |
Создадена | 1 јули 1867 21 март 1871 |
Мреж. место | http://bundeskanzlerin.de |
Канцелар на Германија (германски: Bundeskanzler) — функционер кој стои на чело на Сојузната влада на Германија, нејзин претседател. Официјалниот назив во Германија е „сојузен канцелар“, понекогаш скратено во „канцелар/ка“. Терминот потекнува од раниот Среден век и е изведен од латинскиот термин cancellarius.
Во политиката на Германија, канцеларот е исто што и премиерот во многу други земји. Германскиот термин којшто е истоветен на терминот премиер, „министер-претседател“ (Ministerpräsident), се користи за шефовите на владите на многу сојузни покраини, како и во странски држави.
Денешната должност на канцелар се развила од онаа создадена за Ото фон Бизмарк во Северногерманскиот Сојуз во 1867 година; Сојузот прераснал во германска национална држава со обединувањето на Германија во 1871 година. Должноста на канцеларот значително се менувала низ историјата на современа Германија. Денес канцеларот се смета за највлијателниот водач во земјата.
Историја
[уреди | уреди извор]Германија |
Оваа статија е дел од темата: |
|
Устав
Поделба
Избори
Надворешна политика
|
|
Должноста на канцелар има долга историја, која води потекло од Светото Римско Царство. На времето титулата била употребувана во неколку држави во Европа, во кои се зборувало германски. Сегашната должност на канцелар била основана со создавањето на Северногерманскиот Сојуз, на кој Ото фон Бизмарк станал канцелар во 1867 година. По обединувањето на Германија во 1871 година, должноста станала позната како царски канцелар (Reichskanzler). Со уставот на Германија од 1949 година била обновена титулата сојузен канцелар (Bundeskanzler).
Низ различни периоди, улогата на канцеларот се менувала. Од 1871 до 1918 година, канцеларот бил единствено одговорен пред царот. Со уставната реформа во 1918 година, на парламентот му се доделило право да го разрешува канцеларот. Според Вајмарскиот устав од 1919 година, канцеларот бил назначуван од претседателот и одговорен на парламентот. По смртта на претседателот Хинденбург, за време на нацистичкото владеење овој устав бил ставен на страна. Уставот 1949 г. му доделил поголема моќ на канцеларот отколку за време на Вајмарската Република, притоа намалувајќи ја улогата на претседателот. Денес, Германија често е нарекувана како „канцеларска демократија“, имајќи ја предвид улогата на канцеларот како шеф на извршната власт.
Од 1867 година, 33 поединци имаат служено како претседатели на владата на Германија или нејзиниот претходник Северногерманскиот Сојуз, повеќето од нив со титулата канцелар. Поради неговите административни задачи, главниот на свештениците во црквата на царскиот дворец во текот на Каролиншкото Царство бил наречкуван канцелар (од латински: cancellarius). Црковниот колегиум дејствувал како канцеларија издавајќи укази и капитулари. Од времето на Лудвиг Германски, архиепископот на Мајнц бил официјално архиканцелар, функција која ја вршел до крајот на Светото Римско Царство во 1806 година, додека де јуре архиепископот на Келн бил канцелар на Италија, а архиепископот на Трир на Бургундија. Овие тројца кнезови-архиепископи биле исто така изборни кнезови на Царството кои ги бирале римскиот крал. Веќе во средновековниот период, германскиот канцелар имал политичка моќ како архиепископот Вилигис (архиканцелар 975–1011, регент на кралот Отон III 991–994) или Рајналд фон Дасел (канцелар 1156–1162 и 1166–1167) под царот Фридрих Барбароса.
Во 1559 година, царот Фердинанд I ја создал функцијата царски канцелар (Reichshofkanzlei) во виенскиот дворец Хофбург, под водство на вицеканцеларот и формална надлежност на архиепископот на Мајнц. По Битката на Белата Планини во 1620 година, царот Фердинанд II ја создал функцијата на австриски дворски канцелар задолжен за внатрешните и надворешните односи на Хабсбуршката монариха. Од 1753 година па натаму, функцијата на австриски државен канцелар била водена од принцот Венцел Антон Кауниц. Функцијата кралски канцелар го изгубила своето значење и од времето на Марија Терезија и Јозеф II одвај да постоела на хартија. По распаѓањето на Светото Римско Царство, принцот Метерних служел како државен канцелар на Австриското Царство (1821–1848), а принцот Харденберг служел како пруски канцелар (1810–1822).
Во периодот 1867-1871 година, титулата „сојузен канцелар“ (Bundeskanzler) била повторно користена во германскиот јазик, за време на постоењето на Северногерманскиот Сојуз. Од 1871 до 1945, функцијата била именувана „царски канцелар“ (Reichskanzler). Од 1949 година, официјалниот назив на функцијата во германскиот јазик е повторно сојузен канцелар.
Во сега непостоечката Германска Демократска Република (ГДР, Источна Германија), која постоела од 7 октомври 1949 година до 3 октомври 1990 година (кога територијата на поранешна ГДР била повторно обединета со Сојузната Република Германија), не постоела функција канцелар. Постоела истоветна функција, која била наречена или „министер-претседател“ (Ministerpräsident) или „претседавач на Советот на министри на ГДР“ (Vorsitzender des Ministerrats der DDR).
Канцелар на Северногерманскиот Сојуз
[уреди | уреди извор]Претседателот на сојузната влада на Северногерманскиот Сојуз, која била создадена на 1 јули 1867 година, имал титула на „сојузен канцелар“ (Bundeskanzler). Единствениот канцелар на оваа должност бил Ото Граф фон Бизмарк-Шенхаузен (подобро познат само како Ото фон Бизмарк), премиер на Прусија.
Иако на 18 јануари 1871 година, кралот на Прусија бил прогласен и дал заклетва како германски цар во Галеријата на огледала во Версајскиот дворец, Северногерманскиот Сојуз не престанал да постои до донесување на Уставот на Германија од 1871 година, кој стапил на сила три месеци подоцна, на 16 април. Оттука, Бизмарк останал канцелар на сојузот до тој датум. Во текот на тие месеци, Северногерманскиот Сојуз била исто така се нарекувал Германски Сојуз, откако јужногерманските држави (со исклучок на Австрија) се приклучиле на сојузот.
Канцеларот бил назначен од кралот на Прусија како претседател на Северногерманскиот Сојуз. Неговата улога и должности биле многу слични на должноста на канцеларот на Германија од 1871 година.
Канцелар на Германското Царство
[уреди | уреди извор]Во Германското Царство во 1871 година, царскиот канцелар служел и како прв министер на царот и како претседавач на Бундесратот, горниот дом на германскиот парламент. Тој не бил ниту избиран ниту одговорен пред парламентот. Наместо тоа бил именуван од царот.
Сојузната влада се состоела од:
- Сојузен совет (Бундесрат), составен од претставници на сојузните покраини и на кој претседавал кралот на Прусија
- Парламент, наречен Рајхстаг
- непотполно сојузна извршна власт, најпрвин водена од Ото фон Бизмарк, премиер на Прусија, како царски канцелар во личен сојуз.
Технички, министрите за надворешни работи на државите на царството ги назначувале нивните државни делегати во Бундесратот и со тоа тие имале поголема моќ од канцеларот. Поради оваа причина, грофот Фон Бизмарк (како што бил од 1871 година па натаму) продолжил да служи и како премиер и како министер за надворешни работи на Прусија речиси за целото времетраење на слу бата како канцелар на царството, бидејќи сакал да продолжи да ја користи оваа моќ. Бидејќи Берлин управувал со 17 гласа во Бундесратот, Бизмарк можел успешно да управува со Советот правејќи договори со помалите држави.
Терминот канцелар имал значително помала власт на оваа институција споредено со владите на покраините, бидејќи за разлика од претседателите на владите на сојузните држави, новиот канцелар не смеел да биде почетник. Титулата канцелар дополнително го симболизирала силниот монархиско-бирократски и крајно антипарламентарен дел, како што во пруската традиција, на пример бил Фон Харденберг.
Според двете гледишта, извршната власт на федерацијата или царството како што била создадена во 1867/71 година била намерно различка од царското министерство во револуционерните години 1848/49, кое било водено од премиер, кој бил избиран од народното собрание.
Во 1871 година, замислата за сојузен канцелар била префрлена на извршител на новосоздаденото Германско Царство, кое сега се состоело и од јужногерманските држави. Тука, термините канцелар и сојузно канцеларство (наспроти министерство или влада) исто така најавувале (наводна) помала власт на сојузната извршна власт споредено со владите на сојузните држави. Поради оваа причина сè до 1918 година, ниту канцеларот ниту предводниците на царските министерства под негова власт не ја носеле титулата министер.
Уставот на Германија бил изменет на 29 октомври 1918 година, кога на парламентот му било дадено право да го разрешува канцеларот. Меѓутоа, промената не можела да го спречи избивањето на револуцијата неколку дена подоцна.
Револуционерен период
[уреди | уреди извор]На 9 ноември 1918 година, принцот Максимилијан Баденски ја предал должноста на канцелар на Фридрих Еберт. Во наредните три месеци помеѓу крајот на Германското Царство во ноември 1918 година и првото собирање на Националното собрание во февруари 1919 година, Еберт продолжил да служи како претседател на владата, но не ја користел титулата канцелар.
Во тоа време, Еберт исто така бил претседавач на „Советот на народни пратеници“, сè до 29 декември 1918 година заедно со независниот социјалдемократ Хуго Хазе.
Канцелар на Вајмарската Република
[уреди | уреди извор]Функцијата канцелар продолжила и во Вајмарската Република. Канцеларот бил назначуван од претседателот и бил одговорен пред Рајхстагот.
Во Вајмарската Република, канцеларот немал особено голема моќ и бил нешто повеќе како претседавач, слично на функцијата на францускиот премиер. Владините одлуки биле донесувани со мнозинство гласови. Всушност, голем број владини одлуки во голема мерка зависеле од соработката со претседателот, бидејќи било тешко да се освои парламентарно мнозинство.
Канцелар на Нацистичка Германија
[уреди | уреди извор]На 30 јануари 1933 година, Адолф Хитлер станал канцелар на Германија, што според историчарите се смета за почеток на Нацистичка Германија. Веднаш откако ја преземал функцијата Хитлер започнал да ја проширува моќта и да ја менува суштината на канцеларството. По само два месеци на функцијата и по палењето на зградата на Рајхстагот, парламентот го донел Законот за овластување (Ermächtigungsgesetz), кој на царскиот канцелар му дал право да донесува закони во период од четири години — канцеларот можел да донесе закон без да соработува со парламентот. Моќта на канцеларот продолжила да расте откако во август 1934 година починал тогашниот актуелен претседател Паул фон Хинденбург. Хитлер го искористил Законот за овластување за да ја спои функцијата на царскиот канцелар со онаа на претседателот во нова функција Фирер; иако функциите биле споени, Хитлер продолжил да се нарекува како „Фирер и царски канцелар“ (Führer und Reichskanzler) укажувајќи дека претседателот на државата и на претседателот на владата биле сè уште одвоени, иако се извршувани од ист човек. Оваа поделба станала уште поочигледна во април 1945 година, кога Хитлер наредил по неговата смрт функцијата на Фирер да биде укината и да се постави нов претседател и канцелар. На 30 април 1945 година, Хитлер извршил самоубиство и во краток период на местото канцелар бил наследен од Јозеф Гебелс, според тестаментот на Хитлер. По самоубиството на Гебелс, контролата на моќ преминала на големиот адмирал Карл Дениц како претседател на Германија. Дениц го назначил независниот конзервативец, грофот Шверин фон Крозиг, како претседател на владата со титула „водечки министер“. Дениц и Шверин фон Крозик преговарале за предавање со сојузниците од Втората светска војна.
Канцелар на Сојузна Република Германија (од 1949)
[уреди | уреди извор]Германскиот устав од 1949 година, Основниот закон (Grundgesetz), му дал на канцеларот (Bundeskanzler) целосна власт во водењето на државната политика. Поради тоа, некои германскиот политички систем често го нарекуваат како „канцеларска демократија“. Која и да било голема партија (CDU/CSU или SPD) која нема да го добие канцеларот, обично својот водечки претставник за сојузните избори го нарекува „кандидат за канцелар“ (Kanzlerkandidat). Сојузната влада (Bundesregierung) се состои од канцеларот и неговите или нејзините министри.
Авторитетот на канцеларот произлегува од одредбите на Основниот закон и во пракса од неговиот или нејзиниот статус како предводник на партијата (или коалицијата на партии) која го има мнозинството во парламентот Бундестагот („сојузен парламент“). Со исклучок на Хелмут Шмит, канцеларот вообичаено бил и претседател на неговата или нејзината сопствена партија. Ова било случај и со канцеларот Герхард Шредер од 1999 година додека не отстапил од претседателството на SPD во 2004 година.
Германскиот канцелар службено е нарекуван како „господин сојузен канцелар“ (Herr Bundeskanzler), доколку канцеларот е маж. Сегашната канцеларка Ангела Меркел е службено нарекувана како „госпоѓа сојузна канцеларка“ (Frau Bundeskanzlerin), женска форма на титулата. Користењето на мешаната форма „госпоѓа сојузен канцелар“ (Frau Bundeskanzler) била осудена од владата во 2004 година, бидејќи била оценета како неучтива.[1]
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „"Frau Bundeskanzler" oder ... "Frau Bundeskanzlerin"?“. Архивирано од изворникот на 2009-01-17. Посетено на 2014-08-05.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Канцелар на Германија на Ризницата ?
- Официјална страница (германски) (англиски)
|