Стоицизам
Стоицизмот е филозофски правец во периодот на хеленистичката филозофија. Името го добил по Шарената галерија (Σтоά ποιχίλη) во Атина, која со своите слики ја украсил сликарот Полигнот во V век п.н.е.,[1] а поради оваа соба, стоиците се нарекуваат уште и перипатетичари..[2] Основач на стоицизмот во Грција бил Зенон од Китион (333 п.н.е - 264 п.н.е), а претставник во Рим бил царот Марко Аврелиј. Други значајни стоици биле: Хризип, Сенека и Епиктет. Речиси сите следбеници на Александар Македонски отворено се прогласувале како стоици. Стоичката школа ја забранил царот Јустинијан Први со образложение дека не била во склад со христијанството. Во денешно време, изразот стоицизам предизвикува чувство на ладнокрвност и непоколебливост, а пак стоик означува лице што мирно и спокојно ги поднесува тешкотиите.
Развој на стоичката школа
[уреди | уреди извор]Во развојот на стоицизмот се разликуваат три периоди:[3]
- стар период (300 п.н.е. - 130 п.н.е.)
- среден или хеленско-римски период (130 п.н.е. - 50 п.н.е.)
- доцен период (50 п.н.е. - III век)
Стар период
[уреди | уреди извор]Основач на стоичката школа бил Зенон од Китија (на Кипар) кој, по долго научно подготвување и по угледот на Епикур, во 301 п.н.е. отворил свое училиште, а своите предавања ги држел на плоштадот во Атина познат како „Шарената галерија“, украсена со фреските на Полигнот кои ги славеле херојските дела на Атињаните. Најистакнати негови ученици биле: Аристон, синот на Милтијад, кој поради извонредната говорничка вештина имал прекар Сирена; Персеј од Китија; Херил од Картагена; талентираниот Дионисиј од Хераклеја на Понт, кој го носел прекарот Метатемен зашто подоцна ѝ се придружил на киренската или Епикуровата школа; а оообено се истакнал Клеант од Троада. Негови ученици биле Сфер и Хрисип, кој го разработил целокупниот расположлив материјал и го изградил ортодоксниот систем на стоичкото учење и така постанал вториот, т.е. дефинитивниот основач на стоицизмот. За свој наследник Хрисип го одредил Зенон од Тарс кого го наследил Диоген од Селеукија, кој веќе ги слушал предавањата на Хрисип и во 155 п.н.е., заедно со академикот Карнеад и со перипатетичарот Критолај, бил третиот член на делегацијата која Атињаните ја испратиле во Рим. Понатаму, ученици на Диоген биле: неговиот наследник Антипатар од Тарс, неговиот сонародник Архедем (основачот на стоичката филијала во Вавилон), Боет од Сидон, Аполодор од Селеукија, граматичарот Аполодор од Атина и Гај Блосиј кого Плутарх во делото „Животот на Т. Грах“ го прикажал како слободоумен човек и духовен зачетник на аграрната реформа на Тибериј Семпрониј Грах. Од записите на старите стоичари сочувани се само исечоци кои се наоѓаат во неколку зборници.[4]
Хеленско-римски период
[уреди | уреди извор]Најистакнат ученик на Антипатар од Тарс бил Панетиј, кој го наследил Антипатар како схоларх и со него почнува средниот период на стоичката школа. Освен Антипатар, Панетиј ги слушал во Пергам предавањата на Кратет, а подоцна во Атина го слушал Диоген. Притоа, освен списите на стоичката школа, тој ги познавал и другите философски учења, а пресудно влијание во неговиот живот имале престојот во Рим и познанството со повеќе влијателни Римјани. Во Рим, заедно со неговиот соработник Гај Блосиј, Панетиј го раширил стоицизмот, а тој уживал голем углед кај римската аристократија (на пример, Цицерон го нарекува vel princeps eius, sc. Stoicae disciplinae и gravissimus Stoicorum). Во последните години од животот, Панетиј се вратил во Атина каде му помагал на Антипатар во наставата, а по неговата смрт станал управник на стоичката школа. Најважното дело на Панетиј било „За она што доликува“ кое Цицерон слободно го преработил во своето дело „За должностите“. Други поважни дела на Панетиј биле: „За евтимијата“, „За философските правци“, „За промислата“ и „За Сократ и сократовците“. Исто така, тој оставил поголем број ученици и следбеници меѓу кои најпознат е Посидониј (135 п.н.е. - 51 п.н.е.), кој ја основал познатата стоичка школа на Родос во која учеле многу познати Римјани (Помпеј, Цицерон итн.). Посидониј имал енциклопедиско, универзално знаење - тој бил државник, мислител, воспитувач, етнограф итн. Тој напишал дела од разни области (математика, географија, астрономија, физика, историја и граматика), а своите философски погледи ги изложил во делата: „За душата“, „За доблестите“, „За вселената“, „За страстите“, „За гнвот“, „За она што доликува“ итн. По распадот на империјата на Александар Македонски, како важен центар на стоицизмот се истакнал градот Тарс каде работеле шестмина стоичари, како: Атенодор Кордилион и Атенодор, синот на Сандор од Канана, а според некои извори и Хризип бил од Тарс. Притоа, стоичките философи се интересирале за практичната философија, а тие самите работеле и како државници или советници на државните раководители.[5]
Доцниот период
[уреди | уреди извор]Доцниот период во развојот на стоичката школа траел од почетокот на I век до средината на III век. Познати се околу 50 припадници на стоичката школа од овој период, а најпознати се: Сенека, Епиктет и Марко Аврелиј. Сенека, кој бил мислител и државник, бил едне од најплодните автори во римската книжевност и еден од најголемите стилисти во светската книжевност. Од неговите стоички записи сочувани се: „Дијалозите“ во 12 книги (иако, само со еден исклучок, тие воопшто не се напишани во форма на дијалози), во кои се искажани неговите ставови за повеќе прашања: за гневот, за блажениот живот, за утехата, за краткото траење на животот итн.; „Писма до Лукилиј“ во 20 книги, со 124 посланија (писма); „За доброделствата“ во седум книги; како и „За благоста“ во две (или три) книги. Епиктет, пак, не напишал ништо, туку своето учење го изложувал само усно, но тие разговори ги запишал и ги објавил неговиот ученик Флавиј Аријан од Никомедија во Витинија. По примерот на Ксенофонт, Флавиј Аријан пишувал философски, воени и историски записи, а во спомен на Епиктет ги напишал делата „Разговорите Епиктетови“ во 12 книги (од кои се сочувани само првите четири), „Прирачникот Епиктетов“ и „Хомилии“ во 12 книги (кои не се сочувани). Римскиот цар Марко Аврелиј бил најголемиот следбеник на Епиктет, кој во делото „Разгледувања за самиот себе“, во афористички облик и без никаков редослед, ги искажал своите размислувања за разни прашања.[6]
Стоичка етика
[уреди | уреди извор]Според стоичката етика, човекот треба да ги спознае законитостите што владеат во општеството, да живее по углед на природата, ослободувајќи се од нагоните и страстите; бидејќи сите луѓе имаат разум, како божји деца, треба да живеат во една светска држава како едно човештво. Врвен етички концепт во стоичката мисла е идејата за апатија, која буквално значи душевна безболност, наспроти денешното псхолошко поимање на душевна тапост и празнина.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ A. V., „Objašnjenja“, во: Apulej, Zlatni magarac, Dereta, Beograd, 2011, стр. 225.
- ↑ „Beleške“, во: Erazmo Roterdamski, Pohvala ludosti. Beograd: Rad, 2016, стр. 123.
- ↑ Miloš N. Đurić, „Stoička škola i Marko Aurelije“, во: Marko Aurelij, Samom sebi. Beograd: Dereta, 2004, стр. 7.
- ↑ Miloš N. Đurić, „Stoička škola i Marko Aurelije“, во: Marko Aurelij, Samom sebi. Beograd: Dereta, 2004, стр. 7-9.
- ↑ Miloš N. Đurić, „Stoička škola i Marko Aurelije“, во: Marko Aurelij, Samom sebi. Beograd: Dereta, 2004, стр. 9-17.
- ↑ Miloš N. Đurić, „Stoička škola i Marko Aurelije“, во: Marko Aurelij, Samom sebi. Beograd: Dereta, 2004, стр. 17-26.
Оваа статија од областа на филозофијата е никулец. Можете да помогнете со тоа што ќе ја проширите. |
|
|