Прејди на содржината

Димитар Влахов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Димитар Влахов
Димитар Влахов

Претседател на Президиумот на Народното Собрание (в.д.) (1946 - 1947)


Роден 8 ноември 1878
Кукуш
Починал 7 април 1953
Белград
Професија хемичар
Претседатели на Република Македонија

Димитар Влахов (Кукуш, 8 ноември 1878 - Белград, 7 април 1953) — македонски револуционер, општественик и државник. Бил деец на Македонската револуционерна организација, Народната федеративна партија, Солунската социјалистичка федерација, ВМРО (Автономистичка), ВМРО (Обединета), Бугарската комунистичка партија, Комитерната и Комунистичката партија на Југославија.

Рани години

[уреди | уреди извор]

Тој е роден во Кукуш, Егејска Македонија. Неговиот брат е револуционерот Христо Влахов. Во периодот од 1894-1897 година учел во Солунска машка егзархиска гимназија. Подоцна завршил средно образование во Првата машка гимназија во Софија, а потоа станал учител во Белоградчик. Образованието го продолжил во Германија и Швајцарија каде учел хемија, а таму почнал да се движи и меѓу социјалистичките кругови. Во тоа време тој станал и член на БРСДП и гравитирал околу Македоно-одринската социјалдемократска група, а стапил во контакт и со анархистите од Македонскиот таен револуционерен комитет. Во 1903 година дипломирал на Софискиот универзитет.

Есента 1903 година се вклучува во македонското национално-ослободително движење. Во 1904 година кратко време е член на ЦК на ТМОРО и раководител на ТМОРО во Солун. Уапсен е во 1904 година и останува во затвор до 1905 година.

Младотурската револуција

[уреди | уреди извор]
Димитар Влахов како пратеник во Отоманскиот парламент

По Младотурската револуција, во есента 1908 година е избран за пратеник во отоманскиот парламент, како претставник на левицата на македонското ослободително движење. Пред влегувањето во Отоманскиот парламент не го владее турскиот јазик (единствениот на кој можело да се зборува). Во тој период многу брзо го совладува јазикот. Од тој период забележани се неговите говори за самоволието на младотурската власт над македонското население (1910) и говорот за заштита на националните малцинства (од 1911).[1]

Учествува во редактирањето на весникот „Единство“ кој бил орган на дејците од Струмичкиот револуционерен округ на ВМОРО. На основачкиот конгрес на Народната федеративна партија во август 1909 година е избран за претседател на Централното биро на партијата и станува еден од нејзините најистакнати членови. Набрзо влегува во судир со Јане Сандански и во јануари 1910 година го исклучува од членство на партијата. Не зема учество на Вонредниот конгрес на НФП во април 1910 година, на кој санданистите избираат ново раководство на партијата. Од летото 1910 година станува член на Солунската социјалистичка федерација.[2]

Балканските војни и Првата светска војна

[уреди | уреди извор]

По Балканските војни револуционерната дејност ја продолжува во емиграција. Во своите „Мемоари“ пишува дека имал неповолно мислење за Димитрија Чуповски и неговата дејност во која се вели дека биле „во улога на руската завојувачка политика на Балканот во однос на Македонија и дека за списанието „Македонски глас“ дека бил издаван со руски пари.

Во 1916 година, по анектирањето на Македонија од страна на Бугарија, Влахов станува управник на Приштинската област.

Помеѓу двете светски војни

[уреди | уреди извор]

По завршувањето на Првата светска војна ја вршеше должноста бугарски генерален конзул, прво во Одеса, а потоа во Виена. Во 1920 година Влахов бил избран за резервен член на ЦК на ВМРО (Автономистичка), како претставник на левото крило.[3] По тоа време тој бил испратен во Варна од Тодор Александров за да оствари контакт помеѓу ВМРО и Советска Русија. Врска му бил Крсто Раковски, негов кум и истакнат работник на Коминтерната. По нарачка на ВМРО Влахов, заедно со зетот на Тодор Александров - Михаил Монев заминале во јули 1923 година за Москва. По враќањето Влахов подготвил извештај во кој се рефлектирало дека СССР симпатизира на македонското ослободително движење и има желба контактите да продолжат. Влахов бил еден од член-основачите е на Македонскиот научен институт во 1923 г. Во 1924 година тој бил испратен со препораките на ВМРО како трговски претставник на Царството Бугарија во Виена.

Борбите на македонскиот народ за ослободување, Виена, 1925

Во 1924 година е еден од организаторите на потпишувањето на т.н. Мајски манифест во Виена со кој ВМРО се согласува да дејствува заедно со комунистичките партии од Балканот. По потпишувањето на Мајскиот манифест, со кој се обиде да ги смири спротивставените водачи на ВМРО, Димитар Влахов бил отповикан од бугарската влада. Манифестот очигледно бил комплетиран на 29 април 1924 година, но неговото публикување е одложено и виси во воздух во очекување на враќање на Тодор Александров во Софија за да ги консултираат другите партии таму. По пристигнувањето во Софија неговите следбеници го убедиле да го повлече својот потпис во интерес на самата ВМРО која не би смеела да си дозволи да изгуби толку „способен“ водач во тој критичен момент. Александров поради тоа го известил Влахов и Петар Чаулев да го суспендираат објавувањето на Манифестот и веднаш да се вратат во Софија.

Влахов одбива да постапи така и се вклучи во формирањето на ВМРО (Обединета). Несогласувајќи се со терористичките методи на ВМРО, кое во тој период потпадна под влијание на Ванчо Михајлов и дегенерира во пион на бугарските и италијанските планови за ширење на Бугарија на Балканот, Влахов ги изложи своите идеи во неговата позната книга „Балканска федерациja“ во која се вели: „Интегрализмот е големосрпска идеја, федерализмот - југословенска, а федерацијата има за нас смисла до толку до колку ние преку неа би можеле да го видиме нашиот заветен идеал - слобода на нашата татковина...“

Влахов не беше ориентиран ниту кон Бугарија, ниту кон Југославија (која тогаш водеше политика на крут централизам), туку кон Советскиот Сојуз, со чија помош тој се надеваше да постигне обединување на јужно-словенските народи каде Македонија би формирала одделна, автономна федерална единица.

На крајот на 1933 година Балканскиот секретаријат на Коминтерната решава да го постави за разгледување македонското прашање. По спомени на присутниот на седницата Димитар Влахов, таму е решено да се довери подготовката на резолуциjaта за прашањето на двајца Полјаци кои немале поим од оваа проблематика.[4] Со помош на Влахов сепак била изготвена Резолуција на Коминтерната од 1934 година за македонското прашање и таа била е одобрена од Политичкиот секретаријат на Коминтерната на 11 јануари 1934 година. Самата резолуција е усвоена од Извршниот комитет на Коминтерната во февруари 1934 година. Од Коминтерната одлуката за македонска нација се пренесува на ВМРО (Обединета) и во април 1934 година весникот „Македонско дело“ го објавило текстот на резолуцијата.[5]

Од 1925 до 1944 година Влахов е член на Бугарската комунистичка партија. Во емиграција бил уредник на весниците „Македонско дело“ во Виена, Берлин, Париз. Во 1931 година бил избран за члeн на Извршниот комитeт на Лигата против импeријализмот и за национално ослободувањe како прeтставник од Макeдонија.[6] Во тоа време Влахов станува агент на советското разузнавање,[7] како контактира со него преку офицерот за врски со ВМРО (обединета), Георги Димитров.[8]

Втората светска војна и враќање во Македонија

[уреди | уреди извор]
Методија Андонов-Ченто, Виктор Мануел Виласењор, претставник на Организацијата на Обединетите Нации, Димитар Влахов и други, во Битола, февруари 1946.

Од 1936 до 1944 година живее во СССР. По нападот на Германија врз СССР во јуни 1941 година, на 10-11 август 1941 година учествува во работата на Сесловенскиот конгрес како претставник на македонскиот народ.[9] Влегува и во составот на Президиумот на Сесловенскиот комитет.[10] На Второто заседание на АВНОЈ на 29 ноември 1943 година во отсуство е избран за член на неговото Претседателство. Избран е и за делегат на Првото заседание на АСНОМ.

Во ноември 1944 се враќа во штотуку ослободеното Скопје и преминува во членство на Комунистичката партија на Македонија. На 26 ноември, на Првата конференција на Народноослободителниот фронт на Македонија, тој е избран за негов претседател, а на Второто заседание на АСНОМ во декември е избран за член на Президиумот на АСНОМ. На Третото заседание на АСНОМ во април 1945 година станува член на Президиумот на Народното Собрание на Македонија.

Но, партиското раководство во Македонија на чело со Лазар Колишевски, пополека го потиснува од власта, испраќајќи го на работа во Белград. Влахов е избран за потпретседател на Президиумот на Сојузното собрание на ФНРЈ, а во 1946 година е член на југословенската делегација на Париската мировна конференција.

На Вториот конгрес на Народниот фронт на Македонија во мај 1948 година Влахов е избран за претседател на Народниот фронт на Македонија, а на Шестиот конгрес на КПЈ, во ноември 1952 година е избран за член на Централната ревизиона комисија на Партијата. Умира во Белград во 1953 година.

Мисли на Димитар Влахов

[уреди | уреди извор]
Кога зборувам за македонскиот народ ги имам предвид на прво место македонските Славјани. Под името македонски народ по тоа време македонските дејатели го разбираа целото население на Македонија, т.е. зборот Македонци имаше поскоро географски карактер ...Кога револуционерната организација беше основана и почна да работи, ја започнува својата работа наjнапред среде оние Македонци кои се викаа Бугари...

—Димитар Влахов, Мемоари, Скопје, 1970, стр. 21[11]

„Но во работата среде македонските Словени - егзархисти, револуционерните дејатели сретнаа голем отпор и силни пречки од страна на бугарската империјалистичка политика и нејзиниот орган бугарската Егзархија.
Но треба да се одбележи дека тие македонски Словени, кои го признаваа духовното ведомство на Егзархијата, се чувствуваа како одделен народ...Тие македонски Словени беа пројавиле во текот на целиот XIX век стремеж да ја развијат својата култура на говорниот јазик на македонскиот народ на разни дијалекти.
Многу од Македонците низ целиот XIX век, пред уште да биде образувана бугарската Егзархија и пред тие училишта да бидат раководени како последна инстанца од самата Егзархија, ги пишеа своите книги и преподаваа во училиштата на народниот македонски јазик.“

—Димитар Влахов, Мемоари, стр. 22

„Македонското движење не е ниту бугарско, нити грчко, нити српско.
Македонија е земја што заслужува да биде една одделна единка, чиј народ е посебен народ во смисла на тие на соседните балкански земји, тој има своја историја, своја култура, своја непрекината во текот на десетици години револуционерна дејност за ослободување и тој народ има свој голем придонес во делото на општословенската култура“

—Димитар Влахов, „Мемоари“, I дел, стр. 8, според Густав Влахов, „Спомени за татко ми“, стр. 4

Документи

[уреди | уреди извор]
  1. Густав Влахов, „Спомени за татко ми“, издавач „Радио-телевизија Скопје, 1968.
  2. Димитар Влахов „Македонија и Младотурска“ во „Историски гласник“, Историско друштво НР Србије, 3/1949, 47 стр.
  3. Антони Гиза, Балканските държави и Македонския въпрос. Македонски Научен Институт ­ София, 2001 г.
  4. Мемоари на Димитар Влахов. Скопје, 1970, стр 356.
  5. Македонско дело, бр. 185, IV. 1934.
  6. "Meeting of the Executive Committee of the League Against Imperialism and for National Independence", International Press Correspondence, June 11, 1931, pp. 569-570.
  7. Разведка и контрразведка в лицах: энциклопедический словарь российских спецслужб, Анатолий Валентинович Диенко, Клуб ветеранов госбезопасности (Руссия), Издател Русскiй мiръ, 2002, стр. 97.
  8. Димитров, Димитър (2005). „Георги Димитров - съветски агент?“. BBC. Посетено на 24 април 2008.
  9. Александар Литовски „Јубилејна хронологија на македонското националноослободително движење и на антифашистичката борба во Македонија во 2011“, Битола, 2011, 154-155 стр.
  10. Николай Кикешев “Славянское движение в СССР: 1941-1948 годы, Биографии членов президиума всеславянского комитета”
  11. Димитар Влахов, „Мемоари“, Скопје, 1970.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]