Убиство на Борис Сарафов и Иван Гарванов
Уште во текот на самиот Рилски конгрес, српскиот дипломатски застапник од Софија, меѓу другото, известувал: Изгледа дека Гарванов и другите угледни Македонци не се задоволни со работата на овој конгрес. Сандански им ги расипал сметките со острите критики на досегашната работа и на идните намери. Одлучно е против, за каква да било врска со владата и официјална Бугарија... Сандански особено се нафрлил на Сарафов, кому му префрлал дека од народот на Битолскиот вилает дигал пари за оружје, а му давал пушки, кои ги добивал од бугарската влада, од бугарските магацини. Парите ги задржувал за себе и за своите приврзаници [1].
По несупешните обиди на бугарските власти за помирување меѓу двете групи, Борис Сарафов и Иван Гарванов, преку Михаил Даев, направиле обид за ликвидација на Јане Сандански [2]. Според српските дипломатски извори, Сарафов во уште во половината на 1907 година презел чекори за ликвидација на Сандански, во еден српски извештај се истакнува: Самиот факт што Б. Сарафов му беше подготвил чета на Тодор Паница и го имаше упатено во серскиот крај каде што оперира Сандански, тоа јасно го потврдува. Беше познато urbi et orbi дека Сарафов е владин човек. Утврдено е дека... Т. Паница, требаше да ја мине границата со 30 четници што му ги регрутирал и вооружал Сарафов и му дал на Паница 6.000 лева [3].
Планот за ливидација на Сандански од страна на Даев бил опишан во едно писмо до самопрогласените задгранични претставници. Писмото требало да биде пренесено од страна на Тодор Паница, кој бил негов најблизок пријател, поранешен соученик и подвојвода во неговата чета. Меѓутоа тоа се покажало како фатална грешка. Паница не го предал писмото на посочените лица, туку му го предал на Сандански, со што заговорот бил откриен. Даев бил осуден на смрт, а пресудата била извршена на 30 октомври 1907 година. Според Христо Силјанов, Даев бил мачен и убиен, а според Марша Макдермот, на Даев му било дозволено да се самоубие откако се покајал и писмено ја признал вината. Ликвидацијата на Даев останала во тајност повеќе од еден месец. Меѓутоа Серчани не застанел тука. Сандански и неговите приврзаници започнале офанзива во Софија која била насочена кон дирекните поттикнувачи на заговорот [2]. Во почетокот на ноември 1907 година, Сандански пристигнал во Софија каде што одржал неколку советувања со своите сомисленици. Едно од главните прашања на овие собири, бил односот кон Сарафов и неговите приврзаници. На советувањата учествувале: Петар Поп Арсов, Ѓорче Петров и Димитар Стефанов (тројцата легитимни претставници), Пере Тошев (член на ЦК на ВМОРО), Христо Чернопеев, Димо Хаџи Димов, Иван Харизанов и други. Јане Сандански доминирал на овие советувања. Според Ќамилов, Старикот истакнал:
треба да се работи за пробудување на сознанието на масите, дека тие се самостоен народ, дека имаат право на слободен живот и дека за извојување на својата слобода треба да се борат без да се потпираат на туѓа помош, зашто тие кои би дошле да ги ослободат, всушност ќе дојдат да ги поробат[4]
Тргнувајќи од тоа гледиште, Сандански укажал дека: сите што агитираат било во Македонија, било надвор од неа на база: ослободување и обединување на Бугарите, од ВМОРО треба да бидат дочекани непријателски, така како што се дочекуваат од Организацијата српските и грчките агитации и чети [4]. Оваа алузија се однесувала на Сарафов и Гарванов [2] . На советувањата имало одделни предлози за помирување, меѓутоа Сандански не се откажал од своите намери.
Вечерта на 28 ноември 1907 година, самопрогласените задгранични претставници во домот на Принцот, на улица Осогово, 36, договориле средба со Тодор Паница, нивниот нов приврзаник [4]. Кога Сарафов ја привршувал својата вечера, пристигнал Иван Гарванов. Малку подоцна пристигнал Тодор Паница, вооружен со два наганта. На гостинот му биле понудени мезе и чаша вино, но Паница одбил. Во разговорот со Сарафов и Гарванов, дознал дека Христо Матов нема да присуствува на средбата [4]. Матов ги известил дека поради неодложна работа нема да дојде на средбата. Сарафов и неговите двајца гости се повлекле во друга соба, каде што разговорот меѓу нив течел спокојно. Околу 11 часот, Паница станал да си оди, а Сарафов и Гарванов станале да го испратат.
Кога пристигнале до влезната врата, се слушнале зборовите: Уште едно прашање? а во истиот момент се слушнале два истрела. Веднаш дотрчале домашните кои се стаписале од ужасот: Сарафов и Гарванов, облеани во крв, умираа. И двајцата беа погодени со по еден смртоносен удар. Сарафов беше застрелан во левото слепо око, а Гарванов во левото уво [4]. Тодор Паница веднаш го напуштил местото, а набргу во домот на Сарафов пристигнале еден полициски инспектор и судски истражувач, во придружба на еден софиски репортер, кој вака ја опишал глетката која ја затегнал:
Во антрето, до влезната врата, Сарафов паднал, потпрен на левиот ѕид, со спуштена глава в десни, со раширени нозе и раце - една отворена, другата со свиткани прсти. Гарванов паднат на грбот, со главата легната на десната нога на Сарафов, испружен во ходникот со раширени нозе кон внатрешноста. И двајцата со бледи лица изгледаат како заспани... Под труповите и наоколу големи локви крв која продолжуваше да тече. Околу безживотните трупови горко плаче остарениот татко на Сарафов, неговата мајка, неговите браќа, сестра му, снаа му и неговите блиски [4]
По аутопсијата, телата на Сарафов и Гарванов биле положени во малата црка Свети Георги на улицата Цар Калојан во Софија. Во следните два дена поголем број на граѓани се слевале кон црквата за да се поклонат пред покојните. Според Христо Силјанов нивниот погреб бил еден од најсугестивните кои биле видени кога и да е во Софија. Нивните ковчези биле носени од војводи, а на чело биле носени нивните ликови во раскошни рамки, накитени со живи цвеќина. Поворката ја предводел софискиот митрополит Патениј, луѓето на Николаев, а ковчезите биле завиткани во траурни знамиња на македонските братства, а македонските и ерменските револуционерни знамиња биле носени од четници кои биле прврзници на покојниците. На погребот присуствувале многу народни претставници, а меѓу нив биле и тројца бугарски министри: д-р Н. Генадиев, К. Панајотов и Н. Апостолов [4]. По ликвидацијата, официјалниот Нов век напишал:
Убиството на Борис Сарафов и на Иван Гарванов и нанесе смртоносен удар на бугарската кауза во Македонија. На виновникот или на виновниците не им останува ништо друго, освен да одат кај султанот да земат десет илјади лева, ветени за главата на Сарафов [4]
Извори
[уреди | уреди извор]- ↑ Дипломатски архив на СИП, фонд: Посланство во Софија, ф. VII, бр.420/1905 година
- ↑ 2,0 2,1 2,2 Ванчо Ѓорѓиев, Петар Поп Арсов. Прилог кон проучувањето на македонскотонационалноослободително движење, Матица Македонска, Скопје, 1997
- ↑ ДАСИП-Београд, Дипломатско заступништво Србија-Софија, П. П. оддел, фасц, IX, 1907, пов. бр. 479/7.XII.1907
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 4,7 "Освободителнитѣ борби на Македония", том II Следъ Илинденското възстание, Издателство на Илинденската организация, София, 1943.